Претходни записи:

» НЕПРОТОЛКУВАНИОТ СОН Е КАКО НЕОТВОРЕНО ПИСМО!

» ЉУБОВ

» БИСЕКСУАЛНОСТ

» ХОМОСЕКСУАЛНОСТ

» СО ПРАВИЛНО ТОЛКУВАЊЕ НА СОНОВИТЕ ДО ДУХОВНО СПОКОЈСТВО

» ШТО СОНУВАМЕ?

» СИМПАТИЈА

» САКАТЕ УШТЕ!

» ЕРОТСКИТЕ СОНОВИ - ИЗРАЗ НА ПОТИСНАТИТЕ ЖЕЛБИ И ПОТРЕБИ

» БЕЗ ЦЕНЗУРА

НЕПРОТОЛКУВАНИОТ СОН

Е КАКО НЕОТВОРЕНО ПИСМО! 

    Драги мои, после извесни технички проблеми со емитувањето на СОНОВНИКОТ, од мигов пак сме со Вас.

    СОНОВНИКОТ на ТАРАТУР секојдневно го посетуваат се повеќе заинтересирани. Добиваме и голем број пораки и предлози како да го подобриме. До денес повеќе од илјада и петстотини сононови што сте ги раскажале добиле свое толкување. Но, токму тука, се појавува и првиот технички проблем. Имено, речиси е невозможно на толкав број ваши сонови во текот на еден ден да одговориме. Особено, што определени содржини на соновите постојано се повторуваат. Тоа укажува на фактот дека некои наши посетители, едноставно, не сакаат ни најмалку да се потрудат и прелистувајќи го соновникот да пронајдат соодветно толкување за својот сон. Затоа, драги мои, почнувајќи од денес ние ќе се потрудиме секојдневно да ги пронајдеме најинтересните сонови што сте ни ги раскажале и нив да ги протолкуваме.

    Драги СОНУВЧИ, современите луѓе, или повеќето од нив, на своите сонови не им даваат никакво значење, ги забораваат (или се трудат да ги заборават) веднаш по будењето и ги сметаат за бесмислени. Меѓутоа, оние кои се подготвени да се соочат со своите сонови, кои размислуваат за нив и се трудат да си ги објаснат, можат да научат многу од нив. За нив, сонот е своевидна порака што ни ја упатува потсвеста - дека ни се случува нешто извонредно или дека нешто не е во ред со нашиот организам или со некој дел од нашиот живот. Понекогаш, сонот може да нè предупреди да избегнеме некоја опасност или да размислиме добро пред да се впуштиме во некоја работа. Другпат, сонот може да претскаже нешто што ќе се случи во иднина.

    Колку и да ни изгледа едноставен или конфузен, сонот е повеќеслоен и има повеќе значења. Нив можеме да ги откриеме со толкување на симболите што се појавуваат во соновите. Тоа е вештина како и секоја друга - таа се учи. Ако ги следиме своите сонови, ако се потрудиме да ги анализираме и да ги доведеме во контекстот на она што ни се случува или на она што го потиснуваме во себе, ќе видиме дека тие на прецизен начин нè информираат и нè упатуваат што треба да преземеме во одреден сегмент од животот, во функција на негово подобрување. Затоа, луѓето кои сериозно ги сфаќаат своите сонови, треба да ги следат, да ги запишуваат и да се потрудат да ги одгатнат. На тој начин, за кратко време, тие ќе изградат свој сопствен систем за толкување на соновите. Со тоа, значително ќе си помогнат во разјаснувањето на некои животни ситуации, во донесувањето правилни одлуки или во избегнувањето на некои непријатности. Со текот на времето, совладувајќи ја оваа дисциплина, ќе можат да им помагаат и на своите блиски во решавањето на нивните недоумици и проблеми.

    На крајот, не заборавајте дека, без оглед на различните сфаќања за соновите, тие се, сепак, повеќе од бесмислени приказни. Затоа, посветете им го должното внимание! Прифатете ја и почитувајте ја својата интуиција, своето внатрешно Јас. Научете се да ги слушате пораките што ви ги упатуваат соновите. Сфатете ги како свој советник и водич кон еден подобар живот. Ви посакуваме среќа на тој пат кон себеспознавање и себереализирање!

    Драги мои, сонувајте убаво! Сонот секогаш сака нешто да ви соопшти. Потрудете се да откриете што! Ние ќе ви помогнеме во тоа.

Срдечно!

Taratur © 2007